
Патниците кои денеска се упатуваат кон Грција треба да сметаат на подолги задржувања на граничните премини „Богородица“ и „Дојран“, каде што поради зголемената фреквенција на возила се чека околу 40 минути за излез од државата.
Според информациите на Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ), на останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања ниту за влез, ниту за излез од државата.
Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од урбаните средини е умерен, а сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по суви коловози.
Од АМСМ апелираат возачите да ја прилагодат брзината на движење на условите на патот, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и внимателно да управуваат со возилата, особено на делниците каде што постои можност од појава на одрони.
Како поризични се посочуваат патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Воедно, АМСМ потсетува дека од 15 април патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица е повторно отворен за сообраќај за сите видови возила до 3,5 тона.

















