
Новиот претседателски авион на САД, „Боинг 747-8“ вреден околу 400 милиони долари, кој Соединетите Американски Држави го добија како подарок од Катар, влегува во завршна фаза на подготовки пред неговото официјално вклучување во флотата за превоз на претседателот Доналд Трамп.
Американските воздухопловни сили соопштија дека леталото ги поминало клучните тестирања и модификации и дека во моментов се вршат последните подготовки за негово ставање во употреба како привремена замена за сегашниот „Ер Форс Уан“.
Авионот, означен како „ВЦ-25Б Бриџ“, ќе служи како преодно решение додека компанијата „Боинг“ не ги заврши новите претседателски авиони од програмата ВЦ-25Б, чија испорака е одложена до 2028 година поради технички проблеми и зголемени трошоци.
Според американските воздухопловни сили, леталото е подложено на дополнителни безбедносни проверки и технички прилагодувања за да ги исполни строгите стандарди за претседателски транспорт.
На фотографии објавени во јавноста се забележува дека авионот е обоен во нова црвено-бело-темносина шема, која, како што се наведува, е поддржана од претседателот Трамп, наместо досегашниот класичен светлосин дизајн.
Претседателот Трамп минатата недела го претстави авионот во воздухопловната база „Ендрјус“, истакнувајќи дека ќе служи како „мост“ до пристигнувањето на новата генерација претседателски летала. Од Белата куќа посочуваат дека модификациите чинеле помалку од 400 милиони долари.
Прифаќањето на авионот предизвика и политички и етички реакции во Вашингтон, при што критичарите поставуваат прашања за соодветноста на користење подарок од странска држава за потребите на претседателскиот транспорт. Администрацијата ги отфрли забелешките, нагласувајќи дека леталото поминува темелни проверки и безбедносни тестирања.

















