
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, соопшти дека во период од јуни 2025 до јуни 2026 година Министерството реализирало повеќе од 700 активности, оценувајќи дека резултатите се поттик за продолжување на реформите во енергетскиот сектор.
Таа истакна дека во изминатиот период повторно е ставен во функција продуктоводот Солун–Скопје, како и дека е започната изградбата на гасната интерконекција со Грција, што според неа претставува значаен чекор за регионалната енергетска поврзаност и сигурност во снабдувањето.
Божиновска наведе дека сигурноста во енергетското снабдување е зголемена од 21 на 41 отсто, како резултат на новиот Закон за енергетика, кој добил позитивни оценки од европските институции.
Во делот на финансиското работење, таа посочи дека преку правни постапки е намален ризикот за државниот буџет за околу 380 милиони денари, додека рударскиот сектор е ставен под дигитален надзор, со значително зголемување на приходите од концесии.
Министерката информираше и за институционалната заштита на македонскиот рубин како национално минерално наследство, како и за мерки за поддршка на граѓаните, меѓу кои 4.070 ваучери за инвертер клими и 148,8 милиони денари помош за ранливи категории.
Таа додаде дека се обезбедени и 50 милиони евра за проекти за енергетска ефикасност, како и дека е започнат проект од 11 милиони евра за реконструкција на јавни објекти низ државата, нагласувајќи дека целта останува подобрување на животниот стандард и зајакнување на енергетскиот систем.

















