
Во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола денеска се одржа манифестацијата „Ден на спортот“, која се реализира во рамките на програмата „Спортски игри за младите“ – најголемата аматерска спортска манифестација за деца и млади во Европа со повеќе од 29 години традиција.

Настанот е наменет за ученици од основните училишта и има за цел да ги промовира масовното и бесплатното учество во спортот, инклузивноста, родовата еднаквост, здравите животни навики и фер-плејот.
Во текот на денот учениците се натпреваруваа во „народна“, атлетика – трчање на 60 метри, како и во повеќе други спортски дисциплини.

Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, во своето обраќање истакна дека локалната самоуправа останува посветен поддржувач на младите, спортот и физичката активност.
„Општина Битола е една од општините која најмногу вложува во спортската училишна инфраструктура. Речиси и да нема училиште во кое не се реконструираат или изградени нови спортски терени, а во дел од училиштата се градат и современи типски спортски сали. Во завршна фаза е и изградбата на затворениот пливачки базен во ОУ „Даме Груев“, а континуирано инвестираме и во спортска опрема за наставата по физичко и здравствено образование“, рече Коњановски.
Тој нагласи дека ваквите манифестации имаат големо значење за поттикнување на младите кон активен и здрав начин на живот.
„Спортските игри за младите“ според бројот на учесници претставуваат најголем аматерски спортски настан во Европа и се реализираат под покровителство на Меѓународниот олимписки комитет, Европската комисија, УЕФА и ФИДЕ.
Во рамките на програмата се одржува и „Кока-Кола Куп“, најголемиот малоклупски фудбалски турнир во Европа, кој годинава се организира по дванаесетти пат.
На настанот присуствуваа и претседателот на Советот на Општина Битола, Бојан Бојкоски, како и секретарот на Општина Битола, Борче Димитровски.















