УТРО.мк

УЈП ја пушти во тестирање веб-апликацијата – Започна третата фаза од проектот

УЈП ја пушти во тестирање веб-апликацијата – Започна третата фаза од проектот
Vero

Управата за јавни приходи ја започна третата фаза од проектот за воведување на системот е-Фактура, со што на деловните субјекти им е овозможен пристап до нова веб-апликација наменета за тестирање на електронската размена на фактури.

Во рамки на оваа фаза, компаниите можат во контролирана тест-околина да ги проверуваат сите клучни функционалности на системот, без разлика на нивната големина или степен на техничка подготвеност. На располагање се опции за креирање и испраќање електронски фактури, прифаќање или одбивање на пристигнати документи, како и сторнирање на веќе издадени фактури.

Системот овозможува тестирање на општи фактури со 12 различни даночни индикатори, што треба да придонесе за поефикасна подготовка пред неговото целосно ставање во функција.

Проектот досега помина низ две значајни развојни фази. Во првата беше тестирана интеграцијата меѓу ERP-системите на компаниите и централната платформа, додека во втората беа воведени дополнителни API-сервиси за автоматизирано преземање и обработка на документи.

За потребите на тестирањето, УЈП соработува со околу 200 компании кои, заедно со даночни агенти, учествуваат во симулација на различни деловни сценарија и доставуваат повратни информации за работата на системот.

Покрај техничката подготовка, институцијата спроведува и едукативни активности. Досега се одржани околу 30 информативни средби со стопанските комори, а најавени се и нови регионални презентации, вебинари и подготовка на детални кориснички упатства.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран