
Изградбата на гасните интерконектори со Грција и Србија се одвива според планираната динамика, а Македонија во следните години има потенцијал да стане важна транзитна точка за снабдување со природен гас во регионот, изјави министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска во интервју за МТВ.
Таа потсети дека по преземањето на функцијата затекнала поништен тендер за интерконекторот со Грција, по што Владата повторно ги отворила разговорите со финансиските институции и спровела нова тендерска постапка.
„Добивме понуда која е за 12 милиони евра пониска од претходната, што значи дека тие средства ќе можат да се пренаменат за реализација на други енергетски проекти. Тендерот го доби македонска компанија, а рокот за завршување на интерконекторот е вториот квартал од 2027 година“, изјави Божиновска.
Според неа, интерконекторот е со должина од 67 километри, при што околу 90 проценти од експропријацијата на земјиштето е веќе завршена. Досега се поставени и околу 25 проценти од цевките, а 10 проценти се веќе заварени.
„Станува збор за современа инфраструктура која е подготвена и за транспорт на водород. Тоа значи дека уште денес се подготвуваме за енергетските потреби на иднината“, нагласи министерката.
Божиновска истакна дека интерконекторот со Грција има стратешко значење бидејќи Македонија во моментов располага со само една гасна врска, преку Бугарија, чии капацитети се долгорочно резервирани.
„Европа активно бара алтернативи на руските енергетски извори и токму затоа овој интерконектор добива дополнителна важност. Тој ќе овозможи пристап до нови извори на природен гас и за Централна Европа и ќе ја зголеми енергетската улога на државата во регионот“, рече таа.
Паралелно, се работи и на интерконекторот со Србија. На македонска страна веќе е распишан тендер за изградба на 22 километри гасовод, додека српската страна ќе работи на својата делница.
„Со министерката за енергетика на Србија разговаравме за забрзување на активностите и очекуваме до крајот на 2027 година да биде воспоставено поврзувањето. Тоа значи дека веќе во 2028 година ќе може да започне користењето на новите капацитети“, изјави Божиновска.
Таа додаде дека интерконекторот со Грција ќе има капацитет до 2,8 милијарди кубни метри природен гас годишно, што не само што ќе ги задоволи домашните потреби, туку ќе отвори простор и за транзит кон соседните земји.
„Македонија ќе може да остварува приходи од транзит на природен гас, а истовремено ќе се позиционира како важен енергетски коридор за регионот и Централна Европа“, нагласи министерката.
Во однос на гасификацијата во земјата, Божиновска посочи дека НОМАГАС паралелно работи на изградба на внатрешната мрежа преку нови поврзувачки прстени. Во тек се тендери и континуирано се распишуваат нови со цел, покрај на Куманово и Струмица, во следниот период да се реализираат гасоводни проскти и во Скопје и Битола.
„Процесот е започнат и ќе се реализира етапно. Потребни се уште многу чекори да се реализираат до крајот на 2027 година. Треба да се формира и оператор на гас. Но, очекуваме до 2028 година да бидат создадени услови за поширока потрошувачка на природен гас и за почеток на транзитните активности“, изјави Божиновска.















