Со концерт на легендарната македонска група „Леб и сол“ на 26 јуни во античкиот локалитет Хераклеја, ќе започне 17-то издание на Битолското културно лето „БИТ ФЕСТ“. На денешната прес-конференција, градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, најави богата програма што ќе трае до 31 август и ќе понуди настани за сите генерации.
„Оваа година очекуваме БИТ ФЕСТ да биде вистинска културна атракција, не само за битолчани, туку и за сите посетители на градот. Културата е двигател на заедништвото и гордост на секој град, а Битола има што да понуди“, изјави Коњановски.
Во соработка со КИЦ, националните установи од културата и бројни домашни изведувачи, летниот фестивал ќе понуди концерти, театарски претстави, фестивали, улични перформанси и манифестации. Дел од традиционалната програма се „Битола отворен град“, „Локум фест“, „Илинденски денови“, „Битолино“, „Широк сокак во бело“ и други.
Голем настан ќе биде и концертот на светски познатиот DJ Армин ван Бурен, кој на 3 август ќе настапи на Градскиот стадион „Петар Милошевски“. Општината обезбедува простор и логистичка поддршка за организацијата на овој историски музички спектакл.
Директорот на КИЦ, Благојче Божиновски, потврди дека институцијата активно соработува со општината во подготовката и реализацијата на фестивалската програма.
На прес-конференцијата присуствуваа и членовите на „Леб и сол“, кои најавија дека од Битола го започнуваат јубилејното одбележување на 50 години постоење, ветувајќи незаборавен концерт и полно срце за публиката.