Заменик генералниот директор на „Македонски шуми“, Кире Михаилов, објави дека заминува на неколкудневен одмор – прв пат по една година од назначувањето. Но, паузата доаѓа по петдневна жестока битка со огнената стихија што ја зафати источна Македонија.

Во својата објава, Михаилов сподели потресни детали од теренот, каде што заедно со своите соработници, пожарникари, полицајци и хеликоптерски екипи се бореле да спасат животи и домови. Особено емотивно опиша како го спасил Славе, кој се онесвестил од вдишување чад додека ја бранел викендицата на својот чичко.
„Среќен сум што Славе е тука до мене жив и здрав. За жал, огнот денеска ни излезе од контрола и влезе на територијата на општина Радовиш“, напиша Михаилов.
Тој им се поклони на сите служби кои биле дел од операцијата, посебно нагласувајќи ја улогата на МВР Струмица и хеликоптерските екипи, кои со прецизни фрлања спречиле поголема катастрофа.

„Не жалам што сум овде, туку жалам што огнот ни избега. Се гледаме наскоро, онаму каде ќе бидам најпотребен – со народот“, порача Михаилов.
Оваа објава предизвика силни реакции и поддршка од граѓаните на социјалните мрежи, кои го поздравија неговиот херојски ангажман и човечка посветеност.