УТРО.мк

Пожари беснеат низ државата – Седум активни огнени линии до 18:00 часот

Пожари беснеат низ државата – Седум активни огнени линии до 18:00 часот
Vero

Состојбата со пожарите на територијата на Македонија и денеска останува алармантна. Според официјалните податоци заклучно со 20 јули 2025 година до 18:00 часот, евидентирани се вкупно 15 пожари на отворен простор. Од нив, 7 се сè уште активни, 2 се под контрола, а 6 се целосно изгаснати.

Меѓу најсериозните активни пожари се издвојуваат оние кај селата Нивичино во Општина Василево и кај Грешница во Општина Македонски Брод, каде што гори мешана шума, нискостеблеста вегетација и смрека. Пожарот во Македонски Брод повторно се реактивираше помеѓу селата Црешнево, Локвица и Крапа, зафаќајќи деградирана дабова шума.

Активни пожари има и во Прилеп (помеѓу Царевиќ и Смолани), во Струга (меѓу Октиси и Белица), како и во Ресен и Маврово-Ростуше.

Две огнени линии се ставени под контрола: кај село Желино кон планината Жеден и кај селата Џидимирци – Крушје – Иванковци во општина Велес.

Пожарникарските и шумските служби, заедно со локалното население, вложуваат огромни напори за справување со огнената стихија. Досега се изгаснати шест пожари, меѓу кои во Студеничани, Крушево, Куманово и Липково.

Надлежните апелираат до граѓаните да бидат внимателни и да не палат огнови на отворено, со оглед на ризикот од проширување на пожарите, особено поради високите температури и сувата вегетација. Ситуацијата останува променлива и будно се следи на терен од страна на сите надлежни институции.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран