УТРО.мк

Пожарот кај Желино и натаму беснее – постои сомнеж за подметнување

Пожарот кај Желино и натаму беснее – постои сомнеж за подметнување
Vero

Пожарот што вчера попладне избувна во општина Желино и денеска останува активен, а надлежните се соочуваат со големи тешкотии во неговото гаснење поради непристапниот терен. Иако пожарот во текот на вчерашниот ден бил ставен под контрола, истиот вечерта повторно се разгорел. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, изјави дека постојат индиции оти пожарот е подметнат и некој намерно го разгорува.

„Се надевам дека до вечерва ќе успееме да го ставиме под контрола овој тежок за гаснење пожар, кој се одвива на непристапен терен и за кој имаме индиции дека е подметнат“, изјави Ангелов.

Сомнежи за намерно предизвикување на пожарот изнесе и градоначалникот на Желино, Блерим Сејдиу, но засега нема официјална потврда од институциите.

Благодарение на напорите на терен, противпожарните екипи успеале да спречат проширување на огнот кон селото Еребино. Пожарот сè уште е активен, но изолиран во повисоките делови на Желино. Утрово таму интервенираа два авиона „ертрактор“ на ДЗС, а вклучени се и два „пинцгауери“, воден топ, „хермелин“ со цистерна од шест тона, како и повеќе противпожарни возила и екипи од Тетово.

Како втор најтежок пожар, ДЗС го наведе оној кај селото Нивичино, општина Василево, каде гори на непристапен терен. Во гаснењето се вклучени екипи на „Национални шуми“, локални пожарникари и 30 припадници на АРСМ. Таму дејствува и армиски хеликоптер.

Во моментот, во државата се активни пет пожари: покрај Желино и Василево, сериозни пожари има и во околината на Прилеп, село Џидимирци (општина Велес), како и во Македонски Брод кај селата Крапа и Лавица. Еден пожар е под контрола, а останатите се изгаснати.

Ангелов информираше дека полициски хеликоптер кој утрово требало да интервенира на пожар бил пренасочен кон планината Пелистер за спасувачка акција на повреден планинар.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран