
Спортско-рекреативниот комплекс „Езеро“ во Прилеп и неговата поширока околина се темелно и целосно исчистени и подготвени да ги пречекаат прилепчани за претстојниот сончев викенд, информираат од ЈКП Комуналец – Прилеп.
Од јавното претпријатие посочуваат дека на терен е поставена целосна комунална инфраструктура – контејнери на паркингот и покрај асфалтниот пат, како и канти за ситен отпад на повеќе локации, со цел посетителите лесно да можат да го одложат отпадот.
Сепак, од претпријатието укажуваат дека и покрај обезбедените услови, кај дел од граѓаните сè уште недостасува доволна свест за одговорно однесување кон природата и животната средина.
„По убавата дружба отпадот може да се собере и да се одложи во контејнерите, а за ситен отпад и отпушоци да се користат поставените корпи за отпадоци“, апелираат од ЈКП Комуналец – Прилеп.
Оттаму додаваат дека очекуваат убавото време да биде повод за пријатен престој во природата, но и за поголема грижа за чистотата на околината.























