
Видео на кое се гледаат две деца како паѓаат додека се возат на електричен тротинет на пешачки премин во центарот на Скопје предизвика бројни реакции на социјалните мрежи.
Снимката е објавена во Фејсбук група посветена на „старите скопјани“, а ја сподели скопјанецот Ивица Серафимовиќ. На видеото се гледа како двајца малолетници, возејќи се на електричен тротинет, паѓаат на пешачкиот премин кај Соборниот храм на раскрсницата во центарот на градот.
По падот, децата стануваат, а едниот од нив го зема тротинетот и се движи кон улицата, излегувајќи надвор од пешачката патека, на коловозот каде се одвива сообраќајот.
Во видеото се слуша и коментарот на авторот на снимката, кој реагира на ситуацијата и се прашува како родителите им дозволуваат на толку мали деца да возат тротинет на прометна раскрсница.
„Кои се овие родители што вака им дозволуваат на мали деца да возат тротинет. Не дај боже да се залета некој што не гледа… и кој е после крив? Би ги поздравил родителите и секоја им чест. Браво“, се слуша во видеото.
Во описот на објавата, Серафимовиќ дополнително предупредува дека ситуацијата можела да заврши многу поопасно доколку во истиот момент поминело возило на итна помош или некој возач поминел на црвено светло.
Видеото предизвика бројни реакции и коментари, а дел од граѓаните во нив посочуваат дека одговорноста најмногу ја гледаат кај родителите, сметајќи дека децата не треба да се движат сами доцна навечер и да возат тротинети на вакви прометни локации.























