Надлежните служби трагаат по 16-годишно девојче кое денеска попладне исчезнало во водите на реката Вардар, во близина на селото Уланци, Општина Градско. Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираат дека инцидентот бил пријавен во 16:42 часот на бројот за итни повици.
Пријавата ја поднела сестрата на исчезнатата девојка, која била сведок на настанот и во видно вознемирена состојба побарала итна помош. Набргу потоа, со ЦУК контактирал и доктор од Итната медицинска помош во Велес, кој ја потврдил информацијата и побарал активирање на тимови за потрага и спасување.
ЦУК веднаш ги известил надлежните институции – Секторот за специјални операции при МВР, Оперативниот центар на Генералштабот и Дирекцијата за заштита и спасување – со барање за итен ангажман на тимови на терен.
Според најновите информации, 26-годишната жена која исто така била во реката е пронајдена жива. Потрагата по 16-годишното девојче продолжува со учество на екипа на МВР која со чамец го пребарува коритото на Вардар.