
Фудбалската Федерација на Македонија во соработка со ФИФА започнува со имплементација на проектот Женска Фудбалска Кампања.
ФФМ одлучи првиот од 10-те вакви настани да го организира во општина Битола.

Настанот се организираше на т.н. Кумурното игралиште, а на него учествуваат 50-тина девојчиња на возраст од 8 до 10 години, од основните училишта во рамки на општината, како и од женските фудбалски клубови од општина Битола.
Сите девојчиња учесници добија маица, шорцеви и капче брендирани со проектот, во рамки на препораките добиени од страна на ФИФА.

Амбасадор на настанот е македонската фудбалска репрезентативка Меланија Грозданова, а настанот беше посетен и од целата женска А фудбалска репрезентација на Македонија која пред официјалниот тренинг ги поздрави девојчињата учесници.
На настанот беше присутен и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски кој имаше поздравен говор, заблагодарувајќи му се на претседателот на ФФМ Масар Омерагиќ за соработката со Општина Битола и поддршката за спортот.

„Посебно лично мене, но и како Општина Битола ми е чест што женската фудбалска кампања почнува од градот под Пелистер. Одлична е нашата соработка со Фудбалската федерација на Македонија со која заедно вложуваме во фудбалот. Ова е уште една потврда на заложбата на општина Битола и ФФМ за омасовување на женскиот фудбал и следење на светските трендови. Денешниот настан е увертира во квалификациите на женската фудбалска репрезентација за светското првенство кои ќе се играат во Битола. Утре со Андора“ истакна Коњановски.
Ова е уште една потврда на заложбата на општина Битола и ФФМ за омасовување на женскиот фудбал и следење на светските трендови.























