УТРО.мк

Девет животи спасени од давење во првите 20 дена од летото во Охрид

Девет животи спасени од давење во првите 20 дена од летото во Охрид
Vero

Во првите дваесетина дена од летната сезона спасителите на вода во Охрид извлекле девет давеници кои можеле да завршат трагично, а се регистрирани и над 70 интервенции за укажување на прва помош. Сепак, само на 11 од вкупно 37 капалишта на охридското крајбрежје има ангажирани 15 спасители, кои обезбедуваат минимални безбедносни критериуми.

Во соседна Струга ситуацијата е уште посериозна – спасители има само на една од 17-те плажи, па капалиштата без спасители се целосно небезбедни и се препорачува да се избегнуваат, предупредуваат од Црвениот крст Охрид.

„Бројот на спасители не е соодветен на бројот на капалишта. Сите капалишта што ги користат посетителите треба да исполнуваат безбедносни услови. Апелираме до туристите да ги користат само безбедните капалишта“, вели Сашо Точков од Црвениот крст.

Ниту на една плажа на охридско-струшкото крајбрежје нема поставено табла што укажува дека капалиштето е небезбедено, што е обврска според правилникот. Точков апелира до сопствениците на плажите веднаш да обезбедат спасители, бидејќи одговорноста во случај на несреќа ќе биде нивна.

Дополнително, охридскиот Центар за безбедност на вода веќе петта година е без брод-амбуланта, кој би бил клучен за брзи интервенции на езерото. „Бродот амбуланта беше единствен од ваков вид во Македонија и би бил од голема корист не само во летниот период, туку и преку целата година“, додава Точков.

Тој истакнува дека доколку бродот сè уште беше во функција, можеби ќе беа спасени животите на четворица странски државјани кои починаа на плажите за време на големите горештини, поради непочитување на препораките од здравствените работници.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран