Интензивните врнежи уште на првиот ден предизвикаа значајни поплави во Тетово, а подвозникот во населбата Дарданија повторно се најде под вода. Според дописникот на ТВ21, Сенат Зилбехари, ова е четврто возило заглавено во текот на денешниот ден на истата локација, која редовно се блокира при обилни дождови. Иако општинските власти тврдат дека постои проект за трајно решение, неговата реализација сè уште не е започната.
По пристигнувањето на екипите на медиумите, на терен стигна и тетовската противпожарна служба. Возачот бил заглавен во автомобилот, а според командирот Авни Ахмети, претходно било извлечено и едно семејство со дете. Иако е поставена сигнализација за забрана на премин, таа често се отстранува од несовесни граѓани.
„Од утрово има големо количество вода. Поставивме знаковна сигнализација, но граѓаните ја тргаат и влегуваат во подвозникот. Досега извлековме четири возила, меѓу кои и возило со дете“, истакна Ахмети.
Од Општина Тетово информираат дека нивните служби се во состојба на готовност и дејствуваат таму каде што е неопходно. „Работниците од ЈПК Шари и ЈПК Тетово постојано се на терен и има интервенции на повеќе критични точки“, изјави потрпаролката Бесарта Рамадани.
Подвозникот во Дарданија е важна сообраќајна врска – го поврзува полигонот за автошколите со градот и една поголема станбена зона со околу 100 домаќинства. Населбата и понатаму нема решено фекална и атмосферска канализација, поради што при секој поголем дожд пожарникарите мора да ја испумпуваат водата за патот да биде прооден.























