
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, денеска потпиша меморандум за соработка со Павел Усватов, директор на програмата за владеење на правото во југоисточна Европа од Фондацијата „Конрад Аденауер“ со канцеларија во Скопје.
Проектот, кој ќе се спроведува три години, има за цел да ги мобилизира малите и средни претпријатија како лидери во борбата против корупцијата и да промовира бизнис со интегритет.
Активностите ќе вклучуваат подигање на свеста за деловниот интегритет, обуки, работилници, менторства и практични алатки прилагодени за мали и средни компании, како и за јавните претпријатија и одделенијата на Општината.
На состанокот присуствуваше и претседателот на Советот на Општина Битола, Бојан Бојкоски. Меморандумот за соработка истовремено беше потпишан и со Регионалната стопанска комора со седиште во Битола.
Иницијативите од ваков тип се оценија како значајни за унапредување на имиџот на компаниите и на целото општество.























