
Американскиот претседател Доналд Трамп упати сериозни закани кон Иран преку својата социјална мрежа Truth Social. „Целата цивилизација вечерва ќе умре и никогаш повеќе нема да се врати. Не сакам тоа да се случи, но веројатно ќе се случи. Сепак, сега кога имаме целосна и тотална промена на режимот, можеби може да се случи нешто револуционерно добро – КОЈ ЗНАЕ? Ќе дознаеме вечерва, во еден од најважните моменти во долгата и сложена историја на светот“, напиша Трамп.
Вечерва истекува и последниот рок кој Трамп му го постави на Иран за постигнување договор или отворање на Хормушкиот теснец. Претходно, Трамп повеќепати ги одложувал роковите, а заканите варираа од директни напади до наводен добар напредок во преговорите. Ирската државна новинска агенција IRNA извести дека Техеран го одби последниот предлог за примирје, по што Трамп упати ново предупредување.
„Нема да има мостови, нема да има електрани, нема да има ништо“, изјави Трамп, додека генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, предупреди дека напади врз цивилната инфраструктура се забранети според меѓународното право.
Трамповите закани започнаа на 21 март, со ултиматум за отворање на Хормушкиот теснец, а роковите подоцна беа повеќепати пролонгирани поради наводен напредок во преговорите. Во последните денови, тонот на неговите пораки стана сѐ построг, со конкретни закани за уништување на мостови, електрани и нафтени постројки.























