УТРО.мк

Алиу: Ќе се вработат сите 155 хонорарци во тетовската болница

Алиу: Ќе се вработат сите 155 хонорарци во тетовската болница
Vero

Министерот за здравство, Азир Алиу, на денешната прес-конференција остро одговори на тврдењата од ДУИ дека 155 хонорарци од Клиничката болница во Тетово нема да добијат вработување. Тој порача дека целата постапка е завршена и оти сите 155 лица ќе добијат договори на неопределено време.

„Ги слушнавте измислиците дека 155 лица од Тетово нема да се вработат. Срамота е, дури и за нивниот стандард на лаги. Тоа е евтин театар за евтини политички поени врз плеќите на луѓе што со години живеат во несигурност. Затоа порачувам: ќе добијат договори на неопределено време. Точка“, изјави Алиу.

Тој нагласи дека проблемот со хонорарците трае со години и обвини дека токму ДУИ, која долги години беше дел од власта, не сторила ништо за да го реши.

„Дури и кога Арбен Таравари беше министер, не направи ништо. Само гледаше како овие луѓе се понижуваат со привремени договори“, додаде министерот.

Алиу упати критики и кон Таравари, обвинувајќи го дека денес молчи пред јавноста, но зад сцена дејствува како портпарол на ДУИ.

„Таравари денес шепоти зад сцена, избра да биде маша на партијата што го уценуваше. Ова е капитулација, и граѓаните тоа го гледаат и ќе го запомнат“, изјави Алиу.

Тој заврши со порака дека Министерството ќе продолжи со реализација на ветените мерки: „Ние нема да застанеме. Ќе продолжиме да работиме, да решаваме и да градиме. Резултатите се нашиот одговор на нивните лаги“.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран