Зоран Давитков, вработен во Народната банка, кој вчера беше приведен под сомнение дека го презел и уништил ранецот во кој, според обвинетиот Велибор Манев, било сокриено огненото оружје со кое беа убиени Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, и утрово се наоѓа во полициска станица, каде што продолжува неговиот исказ пред истражните органи.
Сè уште не е обелоденето што точно изјавил Давитков во својата одбрана, но од Јавното обвинителство најавуваат дека повеќе информации за постапката ќе бидат објавени во текот на денот.
Неговото приведување уследи по шокантното сведочење на Велибор Манев на последното судско рочиште, кога за првпат јавно го именуваше Давитков како лице кое учествувало во сокривање на оружјето. Претходно, Манев повеќепати тврдеше дека знае кој го презел пиштолот, но долго време неговите изјави не беа проследени со конкретни истражни мерки.
Новите откритија повторно ја отворија јавната дебата за сериозните пропусти во истрагата – особено во однос на прибирањето и обезбедувањето на материјалните докази, како и за (не)реакцијата на институциите по раните индикации за потенцијално прикривање на трагите од двојното убиство кое ја потресе јавноста.