Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) со загриженост ги следат информациите за можни случаи на незаконско следење на новинари во периодот 2019–2024 година, кои неодамна беа објавени на брифинг од страна на Агенцијата за национална безбедност (АНБ).
„Секое незаконско следење на комуникации претставува сериозна закана за слободата на медиумите и правото на јавноста да биде информирана. Новата европска регулатива за слобода на медиумите (EMFA) јасно забранува вакви практики и налага државите да обезбедат ефективна заштита за новинарите“, велат од двете организации.
Тие исто така повикуваат надлежните органи да постапуваат итно, законски и транспарентно, со цел да се заштити довербата во институциите и да се обезбеди правна сигурност за новинарите. Обвинителството и судството се очекува да делуваат одговорно и без одлагање, додека политичките партии и високи функционери треба да се воздржат од користење на имиња на новинари во политички пресметки кои можат да предизвикаат говор на омраза.
ЗНМ и ССНМ потсетуваат на скандалот со масовното незаконско прислушување од 2015 година, кој и покрај десетгодишни напори сè уште нема добиено соодветна судска разрешница. Организациите најавуваат дека ќе продолжат да обезбедуваат правна помош и поддршка за новинарите и ќе информираат и меѓународни организации како Европската федерација на новинари (EFJ).