
Координаторот на пратеничката група на ЗНАМ, Бобан Карапејовски, по денешната лидерска средба изјави дека ставот на движењето е јасен – пржинската, техничката влада треба да се укине.
– Пржинската влада беше воведена како привремено решение во специфичен политички контекст со цел да се обезбедат фер и демократски избори во време на криза. Тие времиња се зад нас. По неколку успешни изборни циклуси се покажа дека државата има капацитет да организира фер избори, па затоа таа веќе ја отслужи својата цел – рече Карапејовски.
Тој ја оцени иницијативата на премиерот Христијан Мицкоски за одржување лидерска средба како одговорен државнички чин и доказ дека политичките актери ги ставаат во прв план интересите на државата.
Карапејовски нагласи дека ЗНАМ поддржува воведување на една изборна единица, која ќе овозможи поголема еднаквост на гласот на секој граѓанин и пофер политичка застапеност. Движењето ја истакнува и потребата за прецизно регулирање на финансирањето на политичките партии со цел поголема транспарентност.
– Истовремено, даваме силна поддршка на законите од реформската агенда. Се надеваме на политички консензус за нив, бидејќи стратешката цел на сите политички фактори треба да биде членството на Македонија во ЕУ. Особено го поддржуваме законот „Сејф Сити“, кој ќе спаси човечки животи – рече Карапејовски.
Во врска со изборот на народен правобранител, ЗНАМ смета дека функцијата мора да ја извршува висококвалификувано лице со долгогодишно искуство, а процесот на избор треба да се забрза.



























