
Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, по лидерската средба изјави дека партијата се согласува со предложените промени во Изборниот законик – една изборна единица, праг од 5% и отворени листи.
Во врска со идејата на премиерот Христијан Мицкоски за укинување на техничката влада, Ахмети истакна дека за ова прашање треба да се консултира меѓународната заедница, пред сè ЕУ и САД, кои се коавтори на текстот за Пржинската влада.
– Во однос на техничката влада, сметаме дека дополнително треба да се побараат мислења од меѓународниот фактор – ЕУ и САД – рече Ахмети.
Тој исто така нагласи дека ДУИ ги презентирала своите предлози за измените во Изборниот законик и дека прашањето за изборот на Народен правобранител, кој бара двојно мнозинство, останува за дополнителни консултации. Ахмети додаде дека координаторите на пратеничките групи ќе продолжат да бараат решение за ова и за законите за „Сејф сити“, кои се блокирани од страна на „Европскиот фронт“.



























