Движењето ЗНАМ – За наша Македонија на претстојните локални избори ќе настапи со двајца кандидати за градоначалници, соопшти вечерва портпаролот Никола Мемов. Во Општина Куманово кандидат е актуелниот градоначалник и лидер на ЗНАМ, Максим Димитриевски, а во Општина Центар кандидат е актуелниот заменик министер за енергетика, рударство и минерални суровини, Мирослав Лабудовиќ.
Мемов посочи дека на вечерашната седница на Извршниот и Централниот одбор на ЗНАМ била усвоена одлука за взаемна соработка со владиниот коалициски партнер ВМРО-ДПМНЕ. Според договорот, ВМРО-ДПМНЕ ќе ги поддржи кандидатите на ЗНАМ во Куманово и Центар, додека ЗНАМ ќе ги поддржи кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ во другите општини, вклучувајќи го и Град Скопје.
„На овие локални избори пристапуваме многу релаксирано, ослободени од каков било притисок за кандидирање на градоначалници во голем број општини по секоја цена“, изјави Мемов, додавајќи дека процесот за избор на кандидати во други општини сè уште е отворен.
Максим Димитриевски е магистер по правни науки и актуелен градоначалник на Куманово, додека Мирослав Лабудовиќ е магистер по електротехника и информатички технологии и актуелен заменик министер за енергетика, рударство и минерални суровини.