Руски извидувачки дронови сè почесто се појавуваат над источна Германија за да ги следат испораките на оружје за Украина, при што западните разузнавачки служби регистрирале повеќе од 530 летови само во првите три месеци од годинава. Дроновите ја следат променливата рута на воените транспортни линии за да откријат каде, кога и какво оружје пристигнува на украинскиот фронт.
Портпаролот на Министерството за одбрана објасни дека Бундесверот е одговорен само за своите локации, додека за заштита на цивилната инфраструктура се задолжени Министерството за внатрешни работи и цивилните служби. При одбрана на своите локации, војската мора да се придржува до принципот на пропорционалност и да избегнува ризик за цивили, особено ако постои сомнеж дека дронот носи експлозив.
Претходната влада на канцеларот Олаф Шолц планирала да го измени Законот за воздушна безбедност за да им овозможи на вооружените сили да соборуваат опасни дронови, но амандманот не бил усвоен. Критичарите сметаат дека ова создава правна празнина и го отежнува адекватното справување со хибридните закани, додека растечкиот број на летови од Русија ја зголемува загриженоста за националната и воената безбедност.