Софија, 5 септември 2025 – Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, по средбата со бугарскиот премиер Росен Жељазков, оцени дека е разумно Северна Македонија да добие гаранции дека нема да се бара од неа дополнително да менува нешто откако ќе ги спроведе уставните измени.
– Северна Македонија долго време работи на овој процес. Го разбирам нивното негодување. Тие го сменија Уставот, го сменија знамето и името на земјата, и сега очекуваат да се конкретизира пристапувањето. Но, она што е договорено, мора да се спроведе, истакна Кошта.
Тој додаде дека лично е ангажиран во дијалогот со властите во Софија и Скопје и дека очекува по завршувањето на изборниот период во земјава да се продолжат разговорите и да се постигне напредок. Според него, клучно е да се изгради доверба помеѓу двете страни, што може да ги подобри условите, конкурентноста и поврзаноста на двете економии.
– Пристапувањето кон ЕУ е тежок процес кој бара реформи, но најважно е да се промени начинот на размислување. Регионите сами мораат да ги надминат конфликтите од минатото и да се фокусираат на заедничка иднина, нагласи Кошта, потсетувајќи на примерот на Франција и Германија по Втората светска војна.
Бугарскиот премиер Жељазков потенцираше дека Бугарија со одлука на Собранието потврдила дека нема да поставува други барања за Северна Македонија и дека исполнувањето на правата на бугарското малцинство, вклучително и неговото вклучување во Уставот, е предуслов за продолжување на патот кон полноправно членство во ЕУ.