Истражен тим од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) денеска беше примен во Агенцијата за национална безбедност (АНБ) во рамки на предистрага за наводи за незаконско прислушување. Договорена е динамика за увид во обемната и доверлива документација, а постапката ќе продолжи и во наредниот период.
Од обвинителството порачаа дека постапуваат исклучиво врз основа на докази и законски процедури, апелирајќи до јавноста и медиумите да не изнесуваат прерани заклучоци.
Во меѓувреме, Собранието закажа седница на Комисијата за надзор на работата на АНБ и Агенцијата за разузнавање на 10 септември, со точка за надзор над АНБ.
Директорот на АНБ, Бојан Христовски, изјави дека станува збор за злоупотреби од „помала група поранешни раководители и вработени“ и дека случајот е пријавен во обвинителство.
Премиерот Христијан Мицкоски, кој според наводите бил следен во времето кога бил опозициски лидер, изјави: „Очекувам овие глодари да завршат онаму каде што им е местото – позади решетки.“