Американските имиграциски власти изведоа најголема рација во својата историја – во фабриката на „Хјундаи“ во сојузната држава Џорџија уапсени се 475 лица, најголем дел од нив државјани на Јужна Кореја.
Фабриката, која се простира на 1.200 хектари и е клучна за производство на електрични возила, беше отворена пред една година и претставуваше најголема економска инвестиција во историјата на Џорџија. Акцијата е спроведена поради сомнежи за незаконски практики при вработување и сериозни федерални прекршоци.
Специјалниот агент Стив Шренк од американската агенција ICE изјави дека ова е најголемата поединечна операција на Министерството за домашна безбедност досега. Тој нагласи дека немало поголема употреба на сила ниту повредени, но стотици лица биле затекнати без валидни работни дозволи.
Од „Хјундаи“ тврдат дека ниту еден од уапсените не бил нивен директен вработен, додека јужнокорејското Министерство за надворешни работи предупреди на можни повреди на правата на нивните граѓани и веќе испрати дипломати на лице место.
Оваа рација се заканува да ги наруши односите меѓу САД и Јужна Кореја, бидејќи проектот на „Хјундаи“ беше поздравен како симбол на странските инвестиции во времето кога администрацијата на Доналд Трамп ја води и политиката на ограничување на илегалната имиграција.