Вашингтон – Два венецуелски воени авиони во четвртокот прелетаа во близина на брод на американската морнарица во меѓународни води, што Министерството за одбрана на САД го оцени како „многу провокативен потег“.
„Денеска два воени авиони на режимот на Мадуро летаа блиску до брод на американската морнарица во меѓународни води. Овој многу провокативен потег беше осмислен за попречување на нашите операции против наркокартелите и тероризмот“, се наведува во соопштението на Пентагон, пренесено од CNN.
САД упатија остро предупредување до Каракас: „На картелот што го води Венецуела му се советува силно да не презема понатамошни обиди за спречување, одвраќање или мешање во нашите операции“.
Инцидентот доаѓа во момент на зголемени тензии меѓу двете земји. Последните недели американската армија распореди повеќе од 4.000 маринци и морнари во водите околу Латинска Америка и Карибите во рамки на интензивирана борба против наркокартелите, од кои администрацијата на Доналд Трамп многу ги прогласи за странски терористички организации.
Венецуелскиот претседател Николас Мадуро, кој реагираше со остри критики на американската воена присутност, најави дополнително распоредување на војска и милиции, повикувајќи ги граѓаните да се приклучат кон Боливариската милиција.
Тензиите дополнително се заострија откако оваа недела американската морнарица изведе вооружен напад врз брод за кој се сомнева дека пренесувал дрога и бил поврзан со криминалната група „Трен де Арага“. Во акцијата, според претседателот Трамп, загинале 11 лица.
Државниот секретар Марко Рубио потврди дека нападот се случил во јужниот дел на Карибите и дека бродот потекнувал од Венецуела.