Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) ја објави сезонската прогноза за претстојната зима 2025/2026, според која се очекува температурата на воздухот да биде малку повисока од просечната, а количините на врнежи да останат во рамките на многугодишниот просек.
Зимата ќе биде динамична, со три различни фази: ладен почеток, умерен среден период и постуден крај на сезоната. Најголемото позитивно отстапување на температурите се предвидува во јануари, особено во северниот дел на земјата.
Во однос на врнежите, УХМР посочува дека почетокот на декември се очекува со подпросечни количини, додека почетокот на 2026 година треба да биде повлажен, со врнежи над просекот во источниот дел на земјата. Просечната зимска температура се движи од -1,5°C во Маврово до 5°C во Гевгелија, додека просечната количина на врнежи се движи од 90 мм во Штип до 319,4 мм во Лазарополе. Во Скопје, просечната зимска температура се очекува околу 2°C, со просечни врнежи од 110 мм.
Сезонската прогноза е изработена врз основа на динамички и статистички модели, како и на телеконекции од климатските карактеристики на поголемите региони, со податоци од Европскиот центар за среднорочна прогноза на времето и други меѓународни прогностички центри.























