Компанијата Project 3 Mobility (P3M), дел од групацијата Римац, ги заврши плановите за 2025 година, произведувајќи повеќе од 60 прототипови на роботски такси, колку што требаше да бидат готови до крајот на декември. Првиот човек на групацијата, Мате Римац, ја потврди информацијата со видео на Фејсбук, истакнувајќи дека дел од возилата веќе се во различни фази на тестирање – од безбедност и судир, до аеродинамика, удобност, долговечност и потрошувачка.
„До 12-ти во месецот требаше да покажеме 60 прототипови, и еве ги, сите се тука, и уште неколку“, рече Римац. Тој потенцира дека автономното возење веќе ја надминува безбедноста на човечки возач, но сепак, и покрај ретките несреќи, се вршат обемни тестови за судири за да се обезбеди максимална безбедност на корисниците.
Римац сподели дека приватните инвеститори вложиле 104 милиони евра во развојот на роботакси, а дополнително околу милијарда евра во целата групација Римац. „Помалку од 10% од вкупните инвестиции доаѓаат од јавни средства“, истакна тој, нагласувајќи дека идната имплементација на роботакси во Загреб и во други градови низ Европа и светот ќе зависи исклучиво од приватни инвестиции.
Првиот човек на Римац го призна скептицизмот на јавноста, но истакна дека досегашните резултати јасно покажуваат дека Хрватска има капацитет за развој на ваков технолошки проект на светско ниво.























