УТРО.мк

Муртезани за можен трет протокол со Софија

Муртезани за можен трет протокол со Софија
Vero

Министерот за европски прашања Орхан Муртезани денеска истакна дека по локалните избори, заедно со европските партнери, се работи на воспоставување дијалог и враќање на довербата меѓу Скопје и Софија, со цел надминување на спорот и одблокирање на евроинтегративниот процес на земјата.

Муртезани тоа го посочи на денешната прес-конференција во Скопје со министерката за европски прашања на Шведска, Јесика Розенкранц, одговарајќи на новинарско прашање дали евентуално се подготвува трет протокол со Бугарија за надминување на разликите, што неодамна го спомена претседателката Гордана Сиљановска Давкова како едно од креативните решенија.

„Тоа што се работи константно по локалните избори заедно со нашите европски партнери е воспоставување на дијалогот и враќање на довербата, бидејќи без дијалог и доверба не може да стане збор за надминување на проблемот. Во моментов се прават напори за воспоставување дијалог и градење доверба, а потоа ќе стане збор и за можните начини за надминување на проблемот“, изјави Муртезани.

Идејата за нов протокол претседателката Сиљановска Давкова ја изнесе во гостувањето во ТВ 24, алудирајќи дека тоа би било креативно решение:

„Има протокол, тоа е записник обичен потпишан од двајца министри. Со записник вие менувате меѓународен Договор или му додавате. Отворете го Договорот за пријателство и добрососедство, еден збор нема таму за уставни измени. Тогаш нека бидат креативни, трет протокол нека усогласат во кој ќе кажат дека не може прашањата врзани за историјата, културата и идентитетот да бидат услов“, посочи претседателката.

Одговарајќи на новинарско прашање во однос на изјавата на американската амбасадорка Анџела Агелер дека се работи на прашањето со уставните измени, Муртезани рече:

„Секако дека на тоа се работи, бидејќи тоа е преземена обврска, но во моментов не може да се говори за процесот на измени на Уставот, бидејќи сите наши грижи и дилеми не се соодветно адресирани.“

„Секако дека на уставните измени мора да се работи. Тоа е преземена обврска без која нема преговори и нема членство во ЕУ, меѓутоа како што нагласив во моментов не може ние да зборуваме за процесот на уставни измени кога сите тие наши грижи и дилеми не се соодветно адресирани, а за да бидат адресирани треба да се воспостави редовен дијалог, да се врати довербата меѓу двете соседни земји за да можеме на европски начин да градиме заедничка европска иднина“, рече министерот за европски прашања.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Филигран