УТРО.мк

Судењето беше фарса“ – Јанкулоска за одлуката на ЕСЧП и политичкиот прогон

Судењето беше фарса“ – Јанкулоска за одлуката на ЕСЧП и политичкиот прогон
Vero

Овој чекор на ЕСЧП како дел од процесот низ кој очекувам да се констатира повреда на членот 6 од Европската конвенција за човекови права односно повреда на Правото на правично судење, го гледам како еден логичен след на настаните. Од самиот почеток на постапката за овој предмет пред македонските институции, за оние кои сакаа да бидат објективни беше очигледно дека во него не постои кривично дело (кое како такво е предвидено во Кривичниот законик) и аналогно на тоа дека не треба воопшто да се води постапката. Сепак под притисок на една силна пропагандна машинерија, во услови на јавен линч и стигматизација кон обвинетите постапката се поведе. Но кога веќе таа постапка започна, исто така беше очигледно дека се води на еден брутален начин, надвор од сите процесни правила, изјави во интервју за МИА д-р Гордана Јанкулоска, поранешна министерка за внатрешни работи која одлежа казна затвор во случајот „Тенк“ за набавка на блиндиран мерцедес. 

– Судот наместо независен арбитер беше партнер и консултант на обвинителството и дејствувајќи заеднички тие беа цврсто одлучени по секоја цена во експресен рок да бидат изречени затворски казни за обвинетите, така што судењето беше обична фарса со однапред познат исход. Почитувањето на процесните правила, доказите и материјалното право слободно можам да кажам дека беа на значително пониско ниво од она што го имале Нирнбершките процеси во времето во кое се случувале, па дури и на пониско ниво од судењата за време на Информбирото во однос на остварување на просецните права, вели Јанкулоска.

Обвинителите од СЈО и одредени одбрани судии од кривичниот суд, додава поранешната министерка, „ставени во функција на реализација на една политичка агенда која од денешнава временска дистанца е целосно демаскирана, беа недопирливи и можеа да прават се што ќе наумеа или можеби попрецизно би било да кажам се што им беше побарано“. 

Препознавањето на сите повреди на правото на правично судење од страна на ЕСЧП Јанкулоска го смета за лична сатисфакција, но и еден вид сатисфакција за сите жртви на политички прогон. Во случај на успешно завршување на постапката пред ЕСЧП очекува повторување на постапката, правично судење, а евентуалното материјално обештетување не го гледа како примарна цел и за неа тоа е прашање од второстепено значење. Сатисфакција, нагласува, за неа ќе претставува и поднесувањето на одговорност од страна на главните актери кои биле „вклучени во политичкиот прогон, за да не дозволиме како општество, преку неказнивост на злоупотребите, вакви прогони да се случуваат и во иднина“.

– За жал, за претрпените трауми за мене и моето семејство на личен план, за последиците на професионален план и најмногу за изгубеното време и годините кои мојот син неправедно ги помина без мајка, не постои компензација. Тоа е неправда и штета која е непоправлива, а последиците се трајни, рече Јанкулоска.

Извор: 24.мк

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Филигран