
Македонските транспортни компании се соочуваат со засилени проверки на возачите во Шенген зоната, а последниот инцидент во германското пристаниште Росток алармира на сериозноста на ситуацијата, соопшти превозникот Макам транс.
Според информациите од компанијата, проблемот е во строгото почитување на правилото „90 дена во 180 дена“ за престој на професионални возачи во Шенген земјите. Денеска во 14 часот Европската комисија ќе одржи состанок на работната група, на кој се очекува да се донесат конкретни мерки за регулирање на продолжениот престој на возачите.
Во меѓувреме, Макам транс апелира до превозниците внимателно да ги проверуваат дните на престој на своите возачи. Доколку возачот има над 90 дена или му остануваат само неколку дена за завршување на операцијата, не се препорачува да продолжи патот, бидејќи контролите стануваат сè почести и построги.
Во последниот случај во Росток, македонски возач бил затекнат со три дена над дозволените 90. На него му е изречена парична казна од 150 евра и му е побарано доброволно да ја напушти Германија со авион, додека возилото продолжило со друг возач од истата компанија. При излегување од Шенген, возачот добил документ кој точно ги одредува следните денови кога ќе може повторно да влезе во зоната.























