
Се отвори трка со силна конкуренција за петте слободни позиции во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција – институцијата што се справува со најтешките облици на криминал во државата. Десет обвинители влегуваат во изборната процедура, а интересот е речиси двојно поголем од бројот на достапни места.
Половина од кандидатите се актуелни обвинителки во ова обвинителство, на кои им истекува четиригодишниот мандат. Марија Ѓоргева, Валентина Бислимовска, Енѓелуше Кадриу-Леши, Ивана Алексова-Трајчева и Сузана Мирческа-Кузмановска повторно ја бараат довербата на Советот на јавните обвинители за да продолжат со работа во одделот што гони организиран криминал и висока корупција.
Во конкуренцијата се и двајца виши обвинители – Артан Ајро и Трајче Пеливанов. И двајцата имаат искуство токму во ова обвинителство, од каде што заминаа во Вишото јавно обвинителство Скопје, а во својата кариера беа дел и од поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО).
Листата на кандидати ја заокружуваат тројца обвинители од Скопското јавно обвинителство: Александар Маркоски, Ана Гоговска-Јакимовска и Ана Стојановиќ-Димитровска.























