По повод Меѓународниот ден против корупцијата, коалицијата ВЛЕН испрати остра и јасна порака дека овој ден не е формалност за празни изјави, туку силен аларм за „болеста“ што со години ги разградува темелите на државата.
Од ВЛЕН нагласуваат дека корупцијата не е само кршење на законот, туку предавство кон граѓаните, кражба на иднината и уништување на јавната доверба. Според нив, корупцијата не се бори со зборови или документи „за око на јавноста“, туку со храбри одлуки, чесни луѓе и целосно отфрлање на компромисите со криминалот.
„Државата не се чисти со декларации, туку со карактер. Институциите не се градат со пропаганда, туку со интегритет. А правдата не е луксуз, туку обврска“, порачуваат од ВЛЕН, истакнувајќи дека се решени да ја демонтираат културата на неказнивост и да изградат систем во кој власта не е привилегија, туку одговорност.
Во соопштението се додава дека рамнодушноста значи соучесништво, а молкот – поддршка за неправдата. „Денес не е доволно само да се осуди корупцијата, туку мора да се искорени до корен“, велат од ВЛЕН.
Коалицијата повторува дека останува непоколеблива во своите принципи: нулта толеранција кон корупцијата, нулта компромис со криминалот и нулта страв од вистината.



























