
Коалицијата ВЛЕН најави дека на 9 мај, симболично на Денот на Европа, ќе го одржи Конгресот на обединување, на кој пет политички субјекти ќе се спојат во една заедничка политичка организација.
Од ВЛЕН посочуваат дека процесот на обединување е резултат на, како што велат, созреан политички момент и заедничка визија, со која коалицијата ќе настапи како единствена сила со заедничко име, раководство и мисија.
Според најавите, на Конгресот ќе учествуваат околу 850 делегати кои ќе го потврдат новиот правец на делување. Од коалицијата нагласуваат дека новоформираната структура ќе се темели на владеење на правото, нулта толеранција за корупција, независно судство, европска интеграција, партнерство со НАТО, како и заштита на семејството, традицијата и културниот идентитет.
„Од соработка преминуваме во целосно обединување. Ова е чекор со кој ветувањата пред граѓаните ги претвораме во политичка реалност“, наведуваат од ВЛЕН.
Воедно, од коалицијата оценуваат дека нивното обединување предизвикува загриженост кај политичките конкуренти, за кои велат дека своето делување го темелеле на поделби.
Со Конгресот на 9 мај, ВЛЕН најавува нова фаза на политичко делување, со цел, како што истакнуваат, да изградат посилна и пообединета политичка структура која ќе делува на поширок простор, од Липково до Струга.























