
Во изминатото деноноќие полициските служби лишиле од слобода вкупно 14 лица на територија на државата поради безобѕирно управување со моторни возила, при што дел од нив биле под дејство на алкохол, а меѓу приведените има и малолетник кој управувал без возачка дозвола.
Според официјалните информации, пет лица биле затекнати како управуваат возило без да поседуваат возачка дозвола, при што едно од нив е малолетно лице. Дополнително, двајца возачи управувале возило и покрај тоа што имале активна забрана, додека дури седуммина биле фатени зад волан под дејство на алкохол.
Прекршоците биле регистрирани во повеќе градови низ државата, меѓу кои Скопје, Велес, Демир Хисар, Охрид и Тетово, додека алкохолизирани возачи биле откриени во Свети Николе, Кочани, Кавадарци, Струмица, Гевгелија и Прилеп.
Полицијата информира дека по целосно документирање на сите случаи ќе следуваат соодветни кривични пријави против сторителите.
Паралелно со ова, во Скопје била спроведена и засилена акциска контрола насочена кон возачи на мотоцикли, велосипеди со помошен мотор, трицикли и четирицикли, при што биле санкционирани вкупно 113 возачи. Од нив, 45 биле казнети поради неносење заштитна кацига, 17 за управување без соодветна потврда, а четворица поради управување со несоодветна категорија на возило. Дополнително, евидентирани биле и прекршоци за нерегистрирани возила, неносење сообраќајна дозвола, како и движење по несоодветна површина.
За време на контролата, едно лице било лишено од слобода поради безобѕирно управување со возило, согласно член 297-а од Кривичниот законик.























