ВЛЕН реагираше на ставовите на Демократската унија за интеграција, обвинувајќи ја дека токму таа партија е одговорна за неправдите што денес ги прикажува како туѓи грешки.
„ДУИ се обидува да глуми загриженост за правично претставување на Албанците, но вистината е горка: тие самите ја создадоа неправдата што денес ја осудуваат,“ порача ВЛЕН.
Според движењето, законот за попис бил целосно подготвен, предложен и изгласан од министрите и пратениците на ДУИ, меѓу кои Бujar Османи, Артан Груби, Фатмир Бесими и Арбер Адеми. „Тие ги внесеа графите кои не постојат никаде во светот и дозволија нашите иселеници да бидат третирани како странци во сопствената држава,“ се вели во соопштението.
ВЛЕН оцени дека резултатот од пописот е „свесно намалување на бројот на Албанците и напад врз правичното претставување“, што го нарече „историска неправда и една од најголемите предавства кон албанската кауза“.
„Додека врвот на ДУИ се занимаваше со купување трговски центри, трговија со струја и бизниси со нафта, Албанците доживуваа неправди од државата,“ нагласи ВЛЕН.
Движењето додаде дека во 2021 година, кога се одржа пописот, ВЛЕН воопшто не постоел и затоа не може да сноси одговорност за политиките на ДУИ. „Нема амнестија за политичката вина. Нема да дозволиме бројките и достоинството на Албанците да бидат фалсификувани,“ порача ВЛЕН.
Во реакцијата се потсетува и на односот кон македонските Албанци во дијаспората и на, како што велат, половичните решенија за албанскиот јазик. „Како што манипулираа со пописот, така постапија и со вработувањата – повеќе од 10 години држеа луѓе со договори без регулиран статус, а денес без срам ги обвинуваат другите за сопствените грешки,“ се наведува во соопштението.
„ВЛЕН нема да дозволи повеќе неправди. Времето на измами заврши – сега е време на албанскиот граѓанин,“ завршува реакцијата.