На денешниот настан „Саем-Отчет“ под мотото „4 години работа за тебе“ свое обраќање имаше градоначалникот на Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Тој ги презентираше клучните проекти реализирани во изминатите четири години во Кисела Вода, меѓу кои вложувањето во патната инфраструктура, изградбата на градинки, инвестициите во образованието со нови основни училишта и спортски терени. Ѓорѓиевски нагласи дека тоа искуство ќе го примени и во управувањето со градот Скопје.
„Во финална фаза е градинката во Потстаница, а успеавме листите на чекање за згрижување на децата од 450 да ги сведеме на нула. Во моментов сме во доградба на две основни училишта, со цел сите основни училишта да преминат на едносменско работење“, истакна Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека во општината се изградени повеќе од 20 спортски терени, три нови спортски сали се во изградба, а четири се целосно реконструирани. Изминатите години, како што посочи, се реализирани 70 километри нова патна инфраструктура, со целосна водоводна и одводна мрежа.
Посебен акцент стави на решавањето на проблемот со урбаната мафија во населбата Расадник, каде што се поништени 99 маркици за градба и е спроведен Меѓународен конкурс за идејно решение за деталниот урбанистички план.
„Создадовме модерна и современа општина. Тоа искуство е моја основа и мотивација за Скопје“, порача Ѓорѓиевски.