Коалицискиот партнер во Владата – Вреди, денеска ја претстави мерката за отворање 200 нови зелени работни места во микро, мали и средни претпријатија, во соработка со Министерството за економија и труд и Агенцијата за вработување.
Преку неповратни грантови од 250.000 до 750.000 денари, компаниите ќе добијат поддршка за вработување на невработени лица, како и за набавка на нова опрема, машини, софтвер, лиценци и технологии за обновлива енергија и енергетска ефикасност.
Висината на грантот зависи од бројот на нови вработувања: 250.000 денари за едно работно место, 500.000 денари за две и 750.000 денари за три.
Јавниот повик е отворен за сите микро, мали и средни претпријатија што ги исполнуваат законските услови, а приоритет ќе имаат компании од преработувачката индустрија, земјоделството, шумарството, водостопанството, градежништвото и транспортот. Пријавите се поднесуваат до 1 септември, секој работен ден од 08:00 до 14:00 часот во Центрите за вработување низ државата.
„Со оваа мерка создадеме работни места кои носат иднина и одржлив развој. Ова е конкретен чекор кон зелена економија и исполнување на ветувањата за влада што работи со резултати“, се наведува во соопштението на Вреди.