Пекинг разгледува можност да испрати војска во Украина како дел од евентуална мировна мисија, пишува германскиот „Велт ам Зонтаг“. Веста предизвика поделени реакции во Брисел – дел од дипломати сметаат дека вклучувањето на земји од Глобалниот Југ би придонело за легитимитет на мировните сили, додека други предупредуваат на ризик од кинеско шпионирање и јасно проруски став.
Според публикацијата, Италија е меѓу ретките членки на ЕУ кои активно поддржуваат ваков мандат, додека повеќето земји се воздржани. Украинскиот претседател Володимир Зеленски веќе одби повик од Москва за учество на Кина, истакнувајќи дека Киев бара гаранции само од партнери подготвени реално да помогнат.
ЕУ дипломатите разгледуваат модел во кој странските сили би го надгледувале евентуалното примирје со помош на дронови, слично на мисијата на ОБСЕ по анексијата на Крим. Сепак, останува нејасно дали мандатот би овозможил само регистрирање на прекршувања или и директна интервенција.
Западните сојузници потсетуваат дека „безбедносните гаранции“ за Украина не се сведуваат само на воена поддршка, туку опфаќаат обука на војската, снабдување со оружје, економска соработка и постепено приближување кон ЕУ.