Јеменските бунтовници Хути презедоа одговорност за ракетен и дрон-напад врз Израел извршен утрово. Тие тврдат дека нивна балистичка ракета го погодила аеродромот „Бен Гурион“ во близина на Тел Авив и дека лансирале два беспилотни летала кон цели во областа на Тел Авив и Ашкелон.
Израелската армија соопшти дека балистичката ракета се распаднала во воздух при спуштањето, а фрагментите паднале во централен Израел без да предизвикаат значителна штета. Војската, исто така, потврди дека еден дрон бил пресретнат над јужен Израел, додека вториот не успеал да влезе во израелскиот воздушен простор.
Во последните месеци, Израел повеќепати пресретнувал беспилотни летала на Хутите, кои редовно се обидуваат да нападнат израелски цели.