Критериумите за доделување на престижната Нобелова награда за мир со години се предмет на полемики. Прашањето повторно се отвори откако портпаролката на Белата куќа, Каролина Левит, изјави дека „е крајно време Доналд Трамп да ја добие оваа награда“.
Таа потсети дека Трамп во првите шест месеци од мандатот постигнал шест мировни договори, што според администрацијата е доказ за неговата активна улога во решавањето на глобалните кризи.
Повод за новите дебати е неодамнешниот состанок меѓу американскиот претседател и рускиот лидер Владимир Путин во Алјаска, каде се разговараше за излез од тројгодишниот војен конфликт во Украина. Двете страни средбата ја оценија како голем дипломатски успех, иако конкретни резултати засега не се објавени.
Во јавноста останува отворено прашањето дали овие чекори се доволни Трамп навистина да биде меѓу кандидатите за Нобеловата награда за мир.