Градоначалникот на општина Кисела Вода и кандидат за градоначалник на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска оствари средба со претставници на Здружението за заштита на животни „Анимад Мунди“, новинарката Мери Јордановска, актерката Ирена Ристиќ и група волонтери од главниот град.

На средбата се разговараше за хуман и системски пристап во справувањето со проблемот на бездомните животни во Скопје, што, според учесниците, претставува прашање од безбедносен, здравствен, економски и хуманитарен аспект.

„Само преку вистински политики и искрена волја можеме да изградиме град во кој животните нема да бидат заборавени, туку безбедно згрижени и заштитени“, истакна Ѓорѓиевски.

Беше потенцирана потребата од подобрување на условите во прифатилиштата, контрола на популацијата преку чипирање и стерилизација, поттикнување на вдомување и едукација на граѓаните за одговорно сопствеништво.
Заклучокот на средбата е дека Скопје заслужува да стане град пример за хуманост, каде граѓаните ќе се чувствуваат безбедно, а секое животно ќе има достоинствен живот.