Канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го нарече прогласувањето на глад во делови од Појасот Газа од страна на Обединетите нации „целосна лага“ и „модерна крвна клевета“.
Во соопштението објавено на „Х“, се наведува дека Израел не спроведува политика на изгладнување, туку политика на спречување на глад, истакнувајќи дека единствените кои биле намерно изгладнувани се израелските заложници.
Се тврди дека извештајот на ОН ги занемарува хуманитарните напори на Израел и не ги спомнува паднатите цени на основните прехранбени производи во Газа. Канцеларијата наведува дека Израел дозволил влез на милиони тони помош во појасот од почетокот на војната, а дека недостигот на храна бил предизвикан од „систематска кражба на Хамас“.
Меѓународната иницијатива IPC процени дека околу 514.000 луѓе во Газа моментално гладуваат, бројка што би можела да достигне 641.000 до крајот на септември. Околу 280.000 од нив се во северните делови на Газа, додека останатите се во централните и јужните региони.
За регионот да биде класифициран како погоден од глад, најмалку 20% од населението мора да се соочи со екстремен недостиг на храна, секое трето дете да биде акутно потхрането и две лица на секои 10.000 жители да умираат дневно од глад или поврзани болести.
Главниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, предупреди дека хуманитарната катастрофа во Газа достигнува „епски размери“, додека повеќе западни земји побараа зголемување на обемот на помошта.
IPC досега пет пати има прогласено глад во светот, меѓу кои во Сомалија (2011), Јужен Судан (2017 и 2020) и Судан (2024).