УТРО.мк

Трамп пресече: По Вашингтон, следуваат Чикаго и Њујорк

Трамп пресече: По Вашингтон, следуваат Чикаго и Њујорк
Vero

Претседателот на САД, Доналд Трамп, денеска изјави дека неговата кампања против криминалот ќе се прошири и во Чикаго, а потоа и во Њујорк. Тој дури се закани дека федералната влада може целосно да ја преземе контролата врз главниот град Вашингтон.

„Чикаго е во хаос. Веројатно ќе биде следен на ред. Мислам дека прво ќе го средиме Чикаго, а потоа ќе помогнеме и на Њујорк,“ изјави Трамп, пренесува Ројтерс.

Иако Трамп ги критикува овие градови како жаришта на криминал, официјалните податоци покажуваат дека Чикаго и Њујорк веќе со децении бележат постојан пад на насилниот криминал и денес имаат релативно ниска стапка на убиства во споредба со другите големи американски метрополи.

Претходно, Трамп оцени дека криминалот во Вашингтон излегол од контрола, поради што минатата недела испрати припадници на Националната гарда и федерални агенти во главниот град.

„Состојбата беше ужасна. Градоначалничката Баузер мора да се среди, инаку нема долго да остане на функцијата. Ако е потребно, ние ќе го преземеме градот и ќе го водиме како што треба,“ порача американскиот претседател.

Според податоците, кои Трамп ги игнорира, криминалот во Вашингтон е во опаѓање во споредба со врвот од 2023 година, наведува Ројтерс.

Додека Трамп своите потези ги претставува како неопходна акција за зголемување на безбедноста, неговите критичари – особено демократите – предупредуваат дека станува збор за обид за проширување на претседателските овластувања надвор од уставните рамки и воспоставување федерална контрола врз градови со демократска управа.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран