Најмалку 16 Палестинци загинаа утрово во израелски напади врз шатори за раселени лица во регионот Хан Јунис и централна Газа, соопштија медицински извори.
Во нападот на артилеријата на Израел врз шатори во областа Асдаа, северозападно од Хан Јунис, загинаа 12 лица, вклучувајќи шест деца и едно бебе, а повеќе други се ранети. Во посебен напад, израелски дрон погодил куќа во бегалскиот камп Магаази, при што загинале две лица, а повеќе се ранети.
Болницата Ал-Авда пријави дополнителни жртви по напади на дронови врз станбени објекти во кампот Нусејрат, при што во последните 24 часа примила двајца починати и 26 ранети, главно од напади на станбени области и места за дистрибуција на помош.
Од октомври 2023 година, израелските напади во Газа однеле околу 62.300 животи, додека населението се соочува со глад. Минатата година, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на премиерот Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото, додека Израел се соочува и со тужба за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата.