Италијанскиот кардинал Џузепе Зупи и членовите на неговата бискупија поминаа скоро седум часа читајќи ги имињата на 16 израелски деца убиени на 7 октомври 2023 година и 12.211 палестински деца загинати во израелските напади во Газа до 25 јули 2025 година.
Списокот од 469 страници е составен врз основа на податоци од израелската влада и Министерството за здравство на Газа. „Изговараме имиња едно по едно. Тие од нас бараат да се посветиме на мирот, почнувајќи со прекин на огнот и создавање услови за негово зачувување“, истакна Зупи.
Чинот се одржа во паркот Монте Соле, близу Болонја, на симболично место – рушевините од црквата Касалија, запалена за време на нацистичкиот масакр во 1944 година. Иницијативата ја организираа монасите од Малиот семеен ред на Благовештението во соработка со Школата за мир на Монте Соле.
Католичките лидери ја засилија апелацијата за мир во Газа, соочени со растечки број жртви и хуманитарна криза. Жупникот на единствената католичка црква во Газа, Габриел Романели, на 14 август опиша тешка состојба: „Бомбардирањата се насекаде, а смртноста и разурнувањето предизвикуваат страв кај цивилите.“
Патријархот од Ерусалим, кардинал Пирбатиста Пизабала, на 15 август порача: „Крвта на невините во Газа и во светот не е заборавена.“ Папата Лав XIV повика на прекин на огнот и итно запирање на насилството, истакнувајќи ја важноста на дијалогот и дипломатските напори.
Кардинал Зупи, именуван за папски мировен пратеник за Украина, е познат по посредувањето во размена на заложници меѓу Русија и Украина и се сметаше за потенцијален кандидат за папство за време на конклавата што го избра Лав XIV.