Огласот за избор на нов претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) ќе биде објавен утре, информираат од Кабинетот на претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Како што наведуваат од Кабинетот, рокот за пријавување на кандидатите ќе трае десет дена, а понатамошната постапка ќе се спроведе согласно одредбите од член 12 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.
„Постапката ќе се спроведе транспарентно и во согласност со сите предвидени рокови и процедури“, велат од Кабинетот.
Според Законот, во случај на разрешување или престанок на мандатот на претседателот или член на ДКСК пред истекот на мандатот, Собранието има обврска во рок од десет дена да отпочне постапка за избор на нови членови. Огласот го распишува Комисијата за прашања на изборите и именувањата, која во истовремениот рок формира селекциска комисија.
По завршување на пријавувањето, селекциската комисија во рок од три дена утврдува листа на пријавени кандидати, а интервјуата со кандидатите се организираат најдоцна пет дена подоцна. Ранг-листата на најдобро оценетите кандидати се доставува до собраниската комисија, која во рок од два дена треба да предложи кандидати за избор во пленум.
Доколку Собранието не избере претседател и членови, целата постапка се повторува со нов оглас, кој мора да биде објавен во рок од десет дена.